December 16, 2006

КРАЈ НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ НА МАКЕДОНИЈА

Пред една година сите бевме многу среќни што Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ. Една година подоцна, гледаме дека и немало место за славење.

15 години во оваа земја се крадеше, законите не се применуваа, наместо де(моно)партизација, се отиде во (мулти)партизација, без ефикасно судство, без никаков сенс за создавање држава.

15 години ова се правеше под изговор „Ние сме мала земја. И така ќе не' примат. Не и' одговара на Европа да останеме енклава.“

И така 15 години се крадеше, оти после, нели, не ќе може да се краде, односно ефикасното судство и департизацијата ќе ги „осакати“ сите обиди за криминал.

15 години чекајќи ЕУ да не' прими со „политичка одлука“, а не со сработеното, Република Македонија тапкаше во место.

И, нормално, сега граѓаните на ЕУ се заситија од проширување кон несериозни, неевропски земји. Сега не може со „политичка одлука“ да се прими било која земја.

И така изгубивме цели 15 години и нашиот сон со несработено да влеземе во ЕУ падна во вода.

Но, за жал, сега е веќе прекасно. Нема ниту теоретски шанси ЕУ да прими некоја неспремна земја во членство. А ние никогаш нема да бидеме спремни. Кој тоа нам може да ни' соли памет? Кои се, па, тие? Бидејќи нив и понатаму (уште кој знае колку 15 години!?) нема сериозно да ги третираме, ние никогаш нема да бидеме спремни за ЕУ. Никогаш! Ние сме најпаметните, нели?

Го пропуштивме возот. 

Значи, ем државата ја испокрадоа, ем нема членство во ЕУ.

И сега?

Одговорот е сосема јасен: Нема перспектива во оваа земја. Бегајте кој како може надвор. Спасувајте се и себеси, но најмногу спасувајте ги вашите најмили, вашите деца. Македонија НИКОГАШ нема да биде земја членка на ЕУ. Ние сме целосно со различен и неевропски менталитет.

Нема шанси во краток рок да ги елиминираме криминалците и нивните врски со политиката. Според тоа, немаме шанси да влеземе во ЕУ ниту во среден рок. А во долг рок? Право да ви кажам, мене ми е сеедно дали ќе бидеме членки после 40 години. Тогаш, веројатно, нема ни да живеам.

Бегајте, спасувајте глава. Џабе чекате да се средат работите. Оставете го патриотизмот. Кај нас и така под патриотизам се подразбира „јас ќе ја сакам државата, а ти кради и јас ништо нема да ти можам“.

И така, сонот за европска Македонија која ја започнав пред една година УМРЕ.

Ова воедно е и последниот пост на овој блог.

Македонија никогаш не ќе може да го изоди патот кон ЕУ! 

Posted by admin at 16:15:35 | Permanent Link | Comments (2) |

August 09, 2006

Повторно ќе ни’ отидат по ѓаволите уште 4 години!!!

Како што и претпоставував, Никола Груевски не се договараше со ДУИ, туку само глумеше, оти така препорачаа релевантните фактори. Сега, наводно, демек, „ние се договаравме, ама ДУИ треба да се извини“.

Арно ама, со не вклучувањето на ДУИ во новата влада, Албанците се почуствуваа како пред 2001 година. Значи, наместо да одиме напред, повторно ќе се враќаме назад. А не треба да се заборави дека Албанците тоа го повторуваа (дека не се задоволни) уште од 1991 година.

Таман помисливме дека ги затворивме етничките прашања, Груевски на многу елегантен начин не’ враќа назад. Ако сега Албанците велат дека не се задоволни од тоа што не се почитува нивниот глас, сосема е можно да се повтори 2001 година. А тогаш повторно ќе ни’ бидат криви Албанците, странците, Американците, нашите „предавници“ и др.

BTW, непочитувањето на нивниот глас не е добро за интра-етничката демократија. Значи, нема потреба да се натпреваруваат меѓу себе, кога никој и така не го почитува нивниот глас.

Груевски си даде автогол. Наместо економија, и во наредниот период етничките теми ќе надвладеат.

Значи, нема ништо од најавениот препород (во 100 чекори) во економијата, производството, просперитетот, науката, културата, земјоделството и др.

Уште пред да се формира новата Влада, со трилион постотна сигурност се знае дека нема ништо добро да ни’ се случи.

Повторно македонскиот народ е под хипотека на недокажаните дечурлани, кои уживаат во хаос, анархија и криминал. Видовме што ни’ се случи со Црвенковски и Георгиевски, па сега ќе не’ спасат (!?) Груевски, Милошоски и другите од детскиот „хор“ на ДПМНЕ.

Всушност, не е и за чудење. ДПА цело време со своите предлози за федерализација му е подобар партнер на ДПМНЕ. Зошто? Па и оваа партија предлагаше размена на територии, бугаризација на историјата, поделба „кај Групчин“ и сл. Затоа си одговараат.

Нема ништо од економскиот бум на Груевски.

Изгледа џабе си го отворив блогов, оти во наредниот период нема да превладуваат европски теми во Македонија, туку, повторно, етнички проблеми.

Е, браво, Груевски, што не’ зезна и што ќе ни’ го упропастиш животот уште 4 години.

Posted by admin at 17:13:06 | Permanent Link | Comments (8) |

July 28, 2006

Македонија е земја на несреќни граѓани

Истражувањата велат дека Македонија не е многу среќно место за живеење. Ништо ново, ќе речете. Секој тоа го знае, но, ете, повторно науката директно ни’ кажува дека нешто не чини со државава.

Пред 15 години, кога еден Американец ме праша дали сме среќни во Македонија, јас не знаев што да му одговорам. Кај нас такви прашања воопшто не се поставуваат. По дифолт се знае дека не сме среќни.

Значи, на списокот на The Happiness Show, Македонија го завзема 67. место.

Од земјите кои не’ интересираат, сликата е ваква:

[...]
42. Хрватска
43. Грција
50. Турција
51. Босна
61. Србија
64. Црна Гора
67. Македонија
70. Албанија
71. Бугарија

[...]

Значи, после нас се само Албанија и Бугарија, но и тие за кратко време ќе не претекнат. Бугарија ќе влезе во ЕУ и за кратко време ќе се среди. А Албанија? Погледнете што се случува со нивниот туризам. Нас нема да не спасат и милион реклами на CNN и Yahoo.com.

Posted by admin at 11:31:49 | Permanent Link | Comments (0) |