December 16, 2006

КРАЈ НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ НА МАКЕДОНИЈА

Пред една година сите бевме многу среќни што Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ. Една година подоцна, гледаме дека и немало место за славење.

15 години во оваа земја се крадеше, законите не се применуваа, наместо де(моно)партизација, се отиде во (мулти)партизација, без ефикасно судство, без никаков сенс за создавање држава.

15 години ова се правеше под изговор „Ние сме мала земја. И така ќе не' примат. Не и' одговара на Европа да останеме енклава.“

И така 15 години се крадеше, оти после, нели, не ќе може да се краде, односно ефикасното судство и департизацијата ќе ги „осакати“ сите обиди за криминал.

15 години чекајќи ЕУ да не' прими со „политичка одлука“, а не со сработеното, Република Македонија тапкаше во место.

И, нормално, сега граѓаните на ЕУ се заситија од проширување кон несериозни, неевропски земји. Сега не може со „политичка одлука“ да се прими било која земја.

И така изгубивме цели 15 години и нашиот сон со несработено да влеземе во ЕУ падна во вода.

Но, за жал, сега е веќе прекасно. Нема ниту теоретски шанси ЕУ да прими некоја неспремна земја во членство. А ние никогаш нема да бидеме спремни. Кој тоа нам може да ни' соли памет? Кои се, па, тие? Бидејќи нив и понатаму (уште кој знае колку 15 години!?) нема сериозно да ги третираме, ние никогаш нема да бидеме спремни за ЕУ. Никогаш! Ние сме најпаметните, нели?

Го пропуштивме возот. 

Значи, ем државата ја испокрадоа, ем нема членство во ЕУ.

И сега?

Одговорот е сосема јасен: Нема перспектива во оваа земја. Бегајте кој како може надвор. Спасувајте се и себеси, но најмногу спасувајте ги вашите најмили, вашите деца. Македонија НИКОГАШ нема да биде земја членка на ЕУ. Ние сме целосно со различен и неевропски менталитет.

Нема шанси во краток рок да ги елиминираме криминалците и нивните врски со политиката. Според тоа, немаме шанси да влеземе во ЕУ ниту во среден рок. А во долг рок? Право да ви кажам, мене ми е сеедно дали ќе бидеме членки после 40 години. Тогаш, веројатно, нема ни да живеам.

Бегајте, спасувајте глава. Џабе чекате да се средат работите. Оставете го патриотизмот. Кај нас и така под патриотизам се подразбира „јас ќе ја сакам државата, а ти кради и јас ништо нема да ти можам“.

И така, сонот за европска Македонија која ја започнав пред една година УМРЕ.

Ова воедно е и последниот пост на овој блог.

Македонија никогаш не ќе може да го изоди патот кон ЕУ! 

Posted by admin at 16:15:35 | Permanent Link | Comments (2) |
Comments
1 - Од каде овој песимизам!?

Мислам дека имаш едена маана, штo е уствари колективниот проблем на оваа земја-мислиме дека ќе се реши се ако влеземе во ЕУ. Грешка, секако!

Ако во скоро време не е на повидок влез, не значи дека нема да се работи на подобрување на состојбата. ЕУ ни е конкретна цел, ама уствари она што ќе биде позитивното на крајот нема да биде самиот влез во ЕУ туку состојбата во која ќе се наоѓа Македонија...со средено судство, администрација, образование... стандард и безбедност etc. Стварно не знам колку од оние 90 и кусур посто Македонци што го поддржуваат влезот на МКД во ЕУ уствари се на мислење..ај да не примат и да се подобри животот.

ЕУ е тоа...како се вика..морков за да трчкаме. Од скорешно „пир“ истражување заклучив дека ретко кој од обичниот народ во Бугарија ќе е задоволен со влезот. обичниот народ не сака да плаќа високи даноци...повеќе од 90% од трговците што ги распрашав (во последниве два шопинга до Бугарија :)) ) и луѓето со кои што случајно дојдов во контакт, не беа најсреќни со промената што им следи! Што стварно ме изненади и богами беше чудно.

Значи прво треба да се работи на внатрешните состојби, да ни биде нам убаво, да се чувствуваме среќни (како што пред некое време имаше пост на таа тема на овој блог), па подоцна да се разочаруваме зошто не не примат во ЕУ. (Comment this)

Written by: domenica at 2006/12/18 - 14:34:19
2 - Изгледа не си ме разбрала добро :)

ЕУ требаше да биде мотиватор за подобрување на животниот стандард во Македонија. Арно ама, еве 15 години ништо не направивме. А толку се обидуваа и странците. Иако тоа е примарно наша работа, а не нивна.

Ако со таква цел (ЕУ) ништо не направивме минативе 15 години (односно очекувавме да не’ примаат со политичка одлука, а не по заслуга), тогаш не знам како сега ќе биде подобро, кога ЕУ нема да ја има ниту во среден рок? Сега, демек, повеќе да не се мотивираат луѓето (читај политичките партии)? Чисто се сомневам.

Имавме цел, а ништо не направивме. Сега немаме цел во догледно време и тоа значи дека уште толку ништо нема да направиме.

Никој не може да ме убеди дека без конкретна цел во среден рок, ние ќе сме биле подобри!?

И Вале, ова не е песимизам, туку чист реализам. Само треба да си признаеме дека е така.

Се надевам дека блогов нема да се затвори повеќе години, како би имале прилика да резимираме и по 10 години. Сега овие наредни 10 години изгледаат повеќе од минатите 15 години, но ќе видите дека овој народ не сака да работи за своето добро...

Со „стап“ не’ тераа да се исправиме, не сакавме. Сега треба самите да се исправиме и докажаме за да не’ примаат. А самите не сме за никаде. Никогаш во историјата не сме можеле самите. Секогаш сме ги користеле другите. Мноооогу жално, ама вистинито, Вале!

Да бевме како што треба (саглам), сега и така ќе бевме со најдобрите, т.е. во ЕУ. Види ги Словенците... (Comment this)

Written by: driveNOT at 2006/12/19 - 00:51:07 in reply to: 1
Write a comment