December 25, 2005

Кога ќе нé примат во ЕУ?

По добивањето на статусот земја-кандидат за членство во ЕУ, почнавме веќе да размислуваме и шпекулираме кога ќе започнат преговорите за членство, па дури и кога Македонија би можела да биде полноправна членка на европското семејство.

По неуспешните референдуми во Франција и Холандија околу европскиот устав, европското граѓанство стана поскептично во однос на проширувањето. Во официјалните документи се вметнаа поригорозни критериуми за прием на нови членки.

Факт е дека апсорпциониот капацитет на ЕУ е веќе при крај. Македонија е на граница. Прашање е дали вратата ќе се затвори без Македонија или веднаш после неа.

ЕУ е свесна дека со промовирањето на кандидатскиот статус на Македонија, превзема одговорна обврска. Ние, секако, сакаме ЕУ да си ги исполни своите превземени обврски и во догледна иднина да нé прими како полноправна членка. Но, не треба да заборавиме и на фактот што ЕУ со години ни’ сугерираше што треба да направиме, и дека ние со години упорно ги игнориравме нивните сугестии. Сега се освестивме, но веќе може да биде прекасно.

Кога Македонија може да очекува прием во ЕУ? Постојат два одговори на ова прашање:

1. Поради Франција и Холандија, можно е граѓаните на ЕУ целосно да се свртат против проширувањето или, во најмала рака, овој процес да го одложат за некои други времиња. Тој датум не би бил пред 2020 година. Од друга страна, Македонија има сосема различен бекграунд од другите земји члени на ЕУ, т.е. таа е претежно православна држава, која 5-6 векови била дел од една исламска империја. Значи, Македонија е сосема неевропска држава, со неевропски манири. И Грција во овој поглед е слична на Македонија, но таа е примена со политичка одлука, а денес тие услови не се однесуваат и за Македонија.

2. Република Македонија на Балканот е единствена држава која не може целосно сама да опстои. За да не останеме засекогаш „банана република“ со која загосподарува САД, можно е да нé земат под закрила и нé примат заедно со приемот на другите земји-кандидати, т.е. Бугарија, Романија и Хрватска, и тоа во „пакет“. Турција и така нема реални шанси да биде примена во догледно време. Други кандидати нема. Сосема е можно да нé примат и нас за да после сосема ја затворат вратата за прием на нови земји членки во ЕУ. Оваа варијанта е сосема реална и така ние би се спасиле во последен момент.

Како и да е, ние треба да продолжиме, дури и многу поагресивно, со реформите. Промените не треба да ги направиме поради Европјаните, туку поради нас самите. Ако не сфатиме дека реформите се потребни за нас самите, како може да очекуваме Европјаните да имаат потреба од нас?

Да бидеме начисто, Европа и нема никаква потреба од нас, туку ние имаме потреба да бидеме со/во Европа. Ако Македонија биде примена во ЕУ, тоа ќе биде исклучиво поради историското чувство на одговорност на ЕУ кон Балканот. Никако поинаку.

Posted by admin at 15:45:39 | Permanent Link | Comments (1) |

December 22, 2005

Право на штрајк

По кандидатскиот статус, редно е лека полека да почнеме да се однесуваме европски. Сé може да се промени, но свеста на луѓето најтешко се менува. Менување на менталитетот е процес кој ќе трае подолго време од менувањето на законите и нивното имплементирање. Да бидеме искрени, засега, нема ни „е“ од Европа во нашиот менталитет.

Во моментов сме во т.н. „транзиција“. Дали навистина е така? Дали може еден систем да се трансформира во друг систем цели 15 години? Поради предолгото траење на овој процес, денес може со сигурност да тврдиме дека, всушност, системот се вика „транзиција“, а не процесот. Овој систем не е ниту „социјализам“, ниту „капитализам“, туку „транзиција“.

Замислете, пред 15 години родените, живеат во овој „систем“. Тие и не виделе друг систем.

Фрустрацијата која трае предолго поради оваа транзиција, кај поголемиот дел од македонската (во државна смисла) популација создаде негативни емоции кон европските земји. Тоа што во јавноста се тврди дека најголем дел од граѓаните на Македонија се за влез во ЕУ, всушност, е нешто друго. Најголем дел од граѓанството сака да влезе во ЕУ не поради хармонизираното општество и високите општествени вредности, туку поради пасошот кој ги отвора сите врати.

Пред некој ден, поради штрајкот на таксистите во Скопје, цел град беше парализиран со часови. За поминување на 1 километар, беа потребни неверојатни 60, а можеби и повеќе минути.

Правото на протестирање, штрајк или изразување на секакво друго незадоволство е уставно загарантирано право. Тоа е примарна европска вредност. Меѓутоа, кога тоа право им штети на другите граѓани и задира во нивните права и обврски, тогаш станува збор за загрозување на јавниот ред и мир. А кога се загрозува јавниот ред и мир, се знае како се постапува. Никаде нема бесконечни права. И правото на протестирање не е бесконечно и ексклузивно право, за да може да се анулираат правата на другите граѓани.

Што се другите граѓани криви што некој таксист не е задоволен од Владата, законите, имплементацијата и сл.? Барајќи си ги своите права, на груб начин им ги одземаат таквите права на другите граѓани.

И што се постигнува со тоа? Дали некој од тие други граѓани повеќе ќе се залага за правата на оние што штрајкуваат? Дали некој ќе ги одобрува? Дали некој заедно со нив ќе излезе на штрајк заедно со нив? Дали ќе добијат поголеми симпатии?

Секако не! Напротив, сите други граѓани се револтирани од таквиот однос.

Впрочем, и таксистите пред да „бараат“ поддршка од другите граѓани узурпирајќи ги нивните граѓански права, треба најпрвин да се замислат, колку тие им ги задоволуваат очекувањата и потребите на граѓаните. Најчесто, таксистите пушат, пцујат и агресивно реагират во присуство на муштерија.

Каде се правата на муштериите?

Дали вака се оди во Европа?

Posted by admin at 19:37:11 | Permanent Link | Comments (3) |

December 17, 2005

Кандидатски статус за Македонија

Македонија се здоби со статус земја кандидат за Европска унија! Нека ни’ е со среќа!

Ова, по автоматизам, секако дека не значи дека уште утре ќе имаме подобар живот. Не треба зачленувањето во ЕУ да се сфати како нешто од кое само ќе имаме бенефит. Секое право, со себе носи и обврски. Треба да ни’ биде многу јасно дека со стекнувањето на овој статус, и нашите обрски стануваат поголеми.

Ова, пред се’, значи дека треба да почнеме да се однесуваме културно, цивилизирано, умерено, промислено. За жал, а најмногу за среќа, ќе треба да се откажеме од арогантноста, себебендисувањето, негирањето на другите, измислувањето на не_знам_каква историја.

Светот не започнува, ниту завршува со нас. Треба директно да и’ погледнеме во очи на реалноста.

Најпрвин треба да си ги согледаме слабостите. Ако се знае дијагнозата, лекувањето е полесно. Треба смирено, без комплекси и фрустрации да седнеме и да видиме што е тоа што чини, а што не чини. Тоа што не чини да се отстрани или поправи. Секој треба да си сноси одговосност за своите постапки. Секоја одлука, носи одговорност. Ако сме одлучиле да се кандидираме за Европска унија, тогаш треба да се однесуваме одговорно, а не емотивно.

Треба да ни’ биде јасно дека со своите постапки Европа е само одговорна и конструктивна. Тобро, а не брзоплето, размислува. Стои позади секоја одлука. Тоа е сериозност и одговорност.

Требаше државата да ја транзитираме поради нас самите. Тоа не го направивме поради криминалните (читај: политички) структури. Не требаше нешто да промените поради Европа, туку поради нас самите. Тоа не се случи. Бидејќи не се случи, потребно е да си го одработиме сето она на што Европа ни’ укажа дека треба да се смени.

Под најитно треба да се смени целиот судски систем. Судскиот систем е основата на едно општество. Ако тој не функционира, тогаш ништо нема да функционира.

Зошто немаме странски вложувања? Како некој којшто ќе вложи во Македонија ќе си ги оствари своите права? Кој ќе го штити кога работниците ќе му забранат пристап на неговиот имот, ќе му ја блокираат работата? Без здрав судски систем тој нема да може да си го води бизнисот.

Регуларните избори, странски капитал, човекови права и многу други работи се директно зависни од здравиот судски систем. Ако тој систем го нема, ништо нема да функционира.

Правото на членство во Европската унија е остварена. Сега следи да се одработат обврските. Не поради Европа, туку поради нас самите.

Posted by admin at 16:02:53 | Permanent Link | Comments (17) |