January 30, 2006
January 28, 2006
Нови планови за Балканот, нови надежи
Европската комисија објави стратегија за земјите од Западен Балкан, која треба да се дискутира на самитот на министрите за надворешни работи на ЕУ во февруари 2006 година.
Покрај препораките за зголемување на стапката на економскиот развој, се предлага и започнување на преговори за олеснување на визниот режим, и тоа во оваа, 2006 година.
Оли Рен, комесарот задолжен за проширување, изјави дека овие препораки се дизајнирани за фокусирање на консолидацијата на стабилноста во регионот.
Рен рече дека препораките за олеснување на визниот режим се однесуваат на научници и студенти.
Со ова конечно започнува официјализацијата на ова незгодно прашање. Факт е дека со рестриктивен визен режим не се придонесе за отворање на Македонија, туку се создаде спротивен ефект. Луѓето се дезориентирани, не знаат кој им е пријател, а кој не, и сите препораки дадени од странци ги сметаат како „напад на националните интереси“, а не како пријателски совет.
15 години транзиција придонесе „создавање“ на цела една генерација на млади луѓе, целосно изгубени во вистинскиот свет на вредности. Затворањето на луѓето во оваа мала клаустофобична држава, нивното недружење со реалниот свет, затворање на пристапот на врвната наука, кон нови достигнувања и друго, придонесе да се изгуби цела една генерација на млади луѓе.
Со слободното движење на младите во слободни и демократски земји, ќе се создаде клима за конечно започнување на вистинските демократски промени во земјата, затоа што друго е да се види на лице место, а друго да се прочита или, не дај боже, да се чуе од политикантите.
January 26, 2006
Европските улици на Скопје!?
Градските власти на Скопје секоја година се „изненадени“ од снегот. Таман мислевме дека само Ристо Пенов се „изненадува“, сега гледаме дека Трифун Костовски уште повеќе се „изненадува“ од снегот.
Повеќе денови по улиците на Скопје има снег. Главните улици релативно брзо се чистат, но споредните улици со недели остануваат негибнати. Зошто да се чистат, кога и така по некое време сонцето ќе си го направи своето и ќе бидат стопени?
За време на мојот повеќегодишен престој во неколку европски метрополи, никогаш не видов градските власти да бидат „изненадени“ или затекнати од снег или невреме. Башка што и народот е поактивен, со повисока свест и одговорност кон својот град. Така, секој си го чисти својот дел од улицата.
Зошто погоре реков дека споредните улици не се гибнати и ги „нападнав“ градските власти, кога народот не си го превзема својот дел од одговорноста и си го чисти својот дел од улицата?
Одговорот е едноставен:
И да ги исчистиме своите улици, тротоари, влезови, нема никој да дојде да го собере снегот со камион.
Еве, и да паднете на мраз и си скршите рака, кој ќе биде одговорен за тоа? Некој ќе рече дека може да го тужиш градот. Да, но дали судскиот систем ни’ функционира како треба?
Значи, треба заеднички да се делува. Нема држава без народ, како ни народ без држава.
