December 16, 2006

КРАЈ НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ НА МАКЕДОНИЈА

Пред една година сите бевме многу среќни што Македонија доби кандидатски статус за членство во ЕУ. Една година подоцна, гледаме дека и немало место за славење.

15 години во оваа земја се крадеше, законите не се применуваа, наместо де(моно)партизација, се отиде во (мулти)партизација, без ефикасно судство, без никаков сенс за создавање држава.

15 години ова се правеше под изговор „Ние сме мала земја. И така ќе не' примат. Не и' одговара на Европа да останеме енклава.“

И така 15 години се крадеше, оти после, нели, не ќе може да се краде, односно ефикасното судство и департизацијата ќе ги „осакати“ сите обиди за криминал.

15 години чекајќи ЕУ да не' прими со „политичка одлука“, а не со сработеното, Република Македонија тапкаше во место.

И, нормално, сега граѓаните на ЕУ се заситија од проширување кон несериозни, неевропски земји. Сега не може со „политичка одлука“ да се прими било која земја.

И така изгубивме цели 15 години и нашиот сон со несработено да влеземе во ЕУ падна во вода.

Но, за жал, сега е веќе прекасно. Нема ниту теоретски шанси ЕУ да прими некоја неспремна земја во членство. А ние никогаш нема да бидеме спремни. Кој тоа нам може да ни' соли памет? Кои се, па, тие? Бидејќи нив и понатаму (уште кој знае колку 15 години!?) нема сериозно да ги третираме, ние никогаш нема да бидеме спремни за ЕУ. Никогаш! Ние сме најпаметните, нели?

Го пропуштивме возот. 

Значи, ем државата ја испокрадоа, ем нема членство во ЕУ.

И сега?

Одговорот е сосема јасен: Нема перспектива во оваа земја. Бегајте кој како може надвор. Спасувајте се и себеси, но најмногу спасувајте ги вашите најмили, вашите деца. Македонија НИКОГАШ нема да биде земја членка на ЕУ. Ние сме целосно со различен и неевропски менталитет.

Нема шанси во краток рок да ги елиминираме криминалците и нивните врски со политиката. Според тоа, немаме шанси да влеземе во ЕУ ниту во среден рок. А во долг рок? Право да ви кажам, мене ми е сеедно дали ќе бидеме членки после 40 години. Тогаш, веројатно, нема ни да живеам.

Бегајте, спасувајте глава. Џабе чекате да се средат работите. Оставете го патриотизмот. Кај нас и така под патриотизам се подразбира „јас ќе ја сакам државата, а ти кради и јас ништо нема да ти можам“.

И така, сонот за европска Македонија која ја започнав пред една година УМРЕ.

Ова воедно е и последниот пост на овој блог.

Македонија никогаш не ќе може да го изоди патот кон ЕУ! 

Posted by admin at 16:15:35 | Permanent Link | Comments (2) |