Евровизија 2006
Во саботата, на 4 март 2006, се одржа изборот на македонскиот претставник на песната на Евровизија 2006, што оваа година ќе одржи во Атина, соседна Грција.
Т.н. „шоу“ го гледав без некоја желба, но на инсистирање на мојата сопруга, бидејќи не сме требале, како интелектуалци, да пропуштиме нешто за што ќе се зборува со недели.
Не знам зошто, но секогаш овие наши избори се тотално аматерски организирани, без добра сценографија, мртов амбиент, сивило како рефлексија на општеството. Ова не беше избор, туку аудиција за локална селска кафана.
Песните, во најголем дел, беа апсолутно лузерски, аматерски, пеачите/чките без глас, со какофонија, песните без добра идеја, кореографија и сценографија, дисхармонично „играње“ на пратечките играчки и играчи, некреативни „етно“ елементи.
Јас целиот настан го доживеав како навреда на нашата интелигенција! Па за што не’ смета организаторот? Што сме ние? Денес барем лесно може да се прати што се прави во странство. Но прашање е зошто само ние пратиме што се прави во странство, а не и организаторот? Можеби нивниот репер е Пинк или некои слични бугарски канали?
Замислете дека седите во вашата удобна фотелја дома, но во сосема подруг амбиент, во Берлин, Амстердам, Лондон, Мадрид... Која од овие песни ќе ви се допадне, за да гласате за неа?
Сите знаат дека етно елементите се, на некој начин, „потребни“ за да бидете препознаени на Евровизија. Во ред, но тоа не треба да се направи како да слушате две различни плочи кои свират истовремено, апсолутно неспоиви и независни. Потребно е етно елементите да се интегрираат во песната за да изгледа како една целина. Е тука, рака на срце, доживотниот лузер Џ. П. Џокси имаше навистина добра песна, но се знаеше дека кај нас таквите песни никој не ги гласа.
Т.н. „разговори“ со претендентите „позади сцената“ беше сосила правење entertainment. Ладна и досадна атмосфера, со луѓе облечени како келнер и келнерка кои ги водеа разговорите од типот „Абе кај си ти?“.
Дел од песните беа како за Пинк, дел за бугарското Фен ТВ. Тука се гледа т.н. „елитниот“ музички потенцијал на земјава. За другите т.н. „елитни“ потенцијали (стилистички, кореографски...) и да не зборуваме. Кич до кич!
Пејачките т.н. „елити“ беа катастрофа, кои не ни заслужуваат коментар. Калиопи со space-фризура и гардероба за витка става, изгледаше како селска убавица за прочка или втори мај. Адријан и Есма беа концепциски неинтегрирани, со лоша песна за европски вкус. Да, треба да се мисли и за европскиот вкус, оти во мај ќе има коментари од типот „се’ е политика“ - (© Тоше).
На крајот требаше да се гласа. Сопругата ми вели да гласаме за Елена. Песната навистина ми се бендиса. И другите нејзини песни се добри. Таа добро изгледа и нема лош глас. Таман го зедов телефонот во рака и се откажав. Си велам, ќе биде како лани.
И за среќа, победи Елена. Браво! Ова е единствената светла точка на изборот. Победи песна и личност која нема да не’ засрами на Евровизија. Браво Елена! Секако, треба уште малку песната да се доработи, но верувам дека луѓето кои стојат позади неа добро ќе си ја одрадобат својата работа.
Само, се плашам македонската т.н. „стилистичка елита“ (Ношпал, Сергеј...) повторно да не направат кичерај од облека, дреч шминка и селачка сценографија.
И да, не треба да се направи „национално прашање“ од целава работа. Дајте малку уживајте. Relax. Се’ е само entertainment. А во entertainment-от се’ е или забавно или не. Друго нема.
