Право на штрајк
По кандидатскиот статус, редно е лека полека да почнеме да се однесуваме европски. Сé може да се промени, но свеста на луѓето најтешко се менува. Менување на менталитетот е процес кој ќе трае подолго време од менувањето на законите и нивното имплементирање. Да бидеме искрени, засега, нема ни „е“ од Европа во нашиот менталитет.
Во моментов сме во т.н. „транзиција“. Дали навистина е така? Дали може еден систем да се трансформира во друг систем цели 15 години? Поради предолгото траење на овој процес, денес може со сигурност да тврдиме дека, всушност, системот се вика „транзиција“, а не процесот. Овој систем не е ниту „социјализам“, ниту „капитализам“, туку „транзиција“.
Замислете, пред 15 години родените, живеат во овој „систем“. Тие и не виделе друг систем.
Фрустрацијата која трае предолго поради оваа транзиција, кај поголемиот дел од македонската (во државна смисла) популација создаде негативни емоции кон европските земји. Тоа што во јавноста се тврди дека најголем дел од граѓаните на Македонија се за влез во ЕУ, всушност, е нешто друго. Најголем дел од граѓанството сака да влезе во ЕУ не поради хармонизираното општество и високите општествени вредности, туку поради пасошот кој ги отвора сите врати.
Пред некој ден, поради штрајкот на таксистите во Скопје, цел град беше парализиран со часови. За поминување на 1 километар, беа потребни неверојатни 60, а можеби и повеќе минути.
Правото на протестирање, штрајк или изразување на секакво друго незадоволство е уставно загарантирано право. Тоа е примарна европска вредност. Меѓутоа, кога тоа право им штети на другите граѓани и задира во нивните права и обврски, тогаш станува збор за загрозување на јавниот ред и мир. А кога се загрозува јавниот ред и мир, се знае како се постапува. Никаде нема бесконечни права. И правото на протестирање не е бесконечно и ексклузивно право, за да може да се анулираат правата на другите граѓани.
Што се другите граѓани криви што некој таксист не е задоволен од Владата, законите, имплементацијата и сл.? Барајќи си ги своите права, на груб начин им ги одземаат таквите права на другите граѓани.
И што се постигнува со тоа? Дали некој од тие други граѓани повеќе ќе се залага за правата на оние што штрајкуваат? Дали некој ќе ги одобрува? Дали некој заедно со нив ќе излезе на штрајк заедно со нив? Дали ќе добијат поголеми симпатии?
Секако не! Напротив, сите други граѓани се револтирани од таквиот однос.
Впрочем, и таксистите пред да „бараат“ поддршка од другите граѓани узурпирајќи ги нивните граѓански права, треба најпрвин да се замислат, колку тие им ги задоволуваат очекувањата и потребите на граѓаните. Најчесто, таксистите пушат, пцујат и агресивно реагират во присуство на муштерија.
Каде се правата на муштериите?
Дали вака се оди во Европа?

Со погорниов текст, и не може повеќе од ова да се слагам, но затоа треба да ги засукаме ракавите и да се фатиме со работа и да го поправиме тоа (Comment this)
Инаку, има уште многу работи за менување во државава, за да фатиме џаде за Европа. Секако, тоа не значи дека треба да спиеме или, пак, други да не’ натераат да се промениме. Тоа треба да го направиме, пред се’, за нас самите. Нема Европјаните што аир да видат од нас, но ние секако има. Во наш интерес е еднаш веќе да почнеме да се самокритикуваме и самоконтролираме, а не само да се фалиме дека, демек, светот почнува и завршува со нас. За жал (или за среќа), секогаш има и други... (Comment this)