Кога ќе нé примат во ЕУ?
По добивањето на статусот земја-кандидат за членство во ЕУ, почнавме веќе да размислуваме и шпекулираме кога ќе започнат преговорите за членство, па дури и кога Македонија би можела да биде полноправна членка на европското семејство.
По неуспешните референдуми во Франција и Холандија околу европскиот устав, европското граѓанство стана поскептично во однос на проширувањето. Во официјалните документи се вметнаа поригорозни критериуми за прием на нови членки.
Факт е дека апсорпциониот капацитет на ЕУ е веќе при крај. Македонија е на граница. Прашање е дали вратата ќе се затвори без Македонија или веднаш после неа.
ЕУ е свесна дека со промовирањето на кандидатскиот статус на Македонија, превзема одговорна обврска. Ние, секако, сакаме ЕУ да си ги исполни своите превземени обврски и во догледна иднина да нé прими како полноправна членка. Но, не треба да заборавиме и на фактот што ЕУ со години ни’ сугерираше што треба да направиме, и дека ние со години упорно ги игнориравме нивните сугестии. Сега се освестивме, но веќе може да биде прекасно.
Кога Македонија може да очекува прием во ЕУ? Постојат два одговори на ова прашање:
1. Поради Франција и Холандија, можно е граѓаните на ЕУ целосно да се свртат против проширувањето или, во најмала рака, овој процес да го одложат за некои други времиња. Тој датум не би бил пред 2020 година. Од друга страна, Македонија има сосема различен бекграунд од другите земји члени на ЕУ, т.е. таа е претежно православна држава, која 5-6 векови била дел од една исламска империја. Значи, Македонија е сосема неевропска држава, со неевропски манири. И Грција во овој поглед е слична на Македонија, но таа е примена со политичка одлука, а денес тие услови не се однесуваат и за Македонија.
2. Република Македонија на Балканот е единствена држава која не може целосно сама да опстои. За да не останеме засекогаш „банана република“ со која загосподарува САД, можно е да нé земат под закрила и нé примат заедно со приемот на другите земји-кандидати, т.е. Бугарија, Романија и Хрватска, и тоа во „пакет“. Турција и така нема реални шанси да биде примена во догледно време. Други кандидати нема. Сосема е можно да нé примат и нас за да после сосема ја затворат вратата за прием на нови земји членки во ЕУ. Оваа варијанта е сосема реална и така ние би се спасиле во последен момент.
Како и да е, ние треба да продолжиме, дури и многу поагресивно, со реформите. Промените не треба да ги направиме поради Европјаните, туку поради нас самите. Ако не сфатиме дека реформите се потребни за нас самите, како може да очекуваме Европјаните да имаат потреба од нас?
Да бидеме начисто, Европа и нема никаква потреба од нас, туку ние имаме потреба да бидеме со/во Европа. Ако Македонија биде примена во ЕУ, тоа ќе биде исклучиво поради историското чувство на одговорност на ЕУ кон Балканот. Никако поинаку.

prodolzete so ova tempo. izvonredni ste.
(Comment this)