Околу составувањето на новата Влада
Веднаш по изборите, ВМРО ДПМНЕ преку Антонио Милошоски соошти дека сака десна Влада, составена од десничарски партии.
Набргу, претставниците на меѓународната заедница, како докажани поголеми Македонци од сите нас, сугерираа дека би било подобро во Владата да влезат победничките партии. Тоа значи дека во Владата треба да влезе ДУИ, а не ДПА. Така би добиле постабилна Влада.
Потоа победничката партија ги започна преговорите со ДУИ.
Па, ДПМНЕ предложи и двете албански партии да влезат во Владата.
Најпрвин понуди 6 министерски места, за сега предлогот да биде 4 министерски места и по едно потпретседатлско место за двете албански партии.
ДПМНЕ знае дека ДУИ, како победничка партија кај албанскиот блок, нема да отстапи од сегашниот број на 5 министерски места и едно потпретседателско место.
Се’ ми се чини дека ДПМНЕ води „наводни“ разговори со ДУИ. Ако не успеат преговорите (а тоа го посакуваат и работат во таа насока), ќе се правда пред меѓународната заедница дека, ете, ДУИ прави проблеми.
Чаре? Секако ДПА. ДПА ги изгубија изборите, па затоа би прифатиле било каков број на министерски места. Битно е само да се биде во Владата.
Значи, ова што сега ДПМНЕ го прави е „и волкот сит и овците на број“. Ем бидејќи сум под притисок водам преговори, ем сакам со другиве да коалицирам.
Како граѓанин на оваа држава, ме фаќа страв од двете партии, од ДПМНЕ и ДПА. Нивните лидерски структури и во минатото и денес, никогаш јавно не се дистанцираа од тврдењата дека не сакаат да ја видат Македонија цела. Напротив. Сиве овие години повторуваат за некакви размени на територии или распарчување на земјата, која била „титова творба“.
И дел од ВМРО-вците и целиот естабишмент на ДПА јавно и без криење зборуваат дека земјава треба да се распарчи. Е затоа си одговораат едни со други. Затоа и на времето Љубчо Георгиевски беше против меѓународната заедница, оти тие не му дозволија со Џафери да ја распарчи земјата. Сонот на Георгиевски-Џафери за „Групчин граница“ не се реализира и за тоа беа криви, секако, претставниците на меѓународната заедница.
Како што СДСМ изгуби кај електоратот многу кога веднаш по изборите влезе во коалиција со, тогаш новоформираната ДУИ, се’ мислам дека и ДПМНЕ така ќе ја изгуби поддршката ако влезе во коалиција со ДПА.
А се’ мислам дека и ќе влезе. Сега што само се глумат преговори со ДУИ.
За жал, наместо на блогов да зборуваме за европски интеграции, пишуваме за домашна квази-политика. Затоа и не пишувавме тука неколку месеци. Ништо нема ново на нашиот пат кон Европа...
